Во Македонија недостигаат практична настава, брзи и моќни компјутери за напредни калкулации, пристап до модерна литература и современи лаборатории. Дополнително, Македонија сѐ уште заостанува во поглед на професионалните проспекти за физичарите, вели Ивона.
Знаејќи од многу рана возраст дека сака да студира физика, Ивона Кафеџиска веднаш по матурирањето во средното училиште „Јахја Кемал“ заминала на студии во Германија, на Универзитетот „Јакобс“ во Бремен. За жал, Природно-математичкиот факултет во Скопје не ѝ бил најдобрата опција за студирање физика и затоа се одлучила да си замине.
- Кога одев на ПМФ за регионалните и државните натпревари по физика, како и на некои школи за млади физичари, секогаш имав чувство дека времето таму застанало. Интересен физички парадокс. ПМФ е добар кога се во прашање теоретскиот дел и решавањето задачи, но за жал, со секое наредно ниво во кариерата како физичар тој аспект е сѐ помалку важен - вели Ивона.
Таа пристигнала во Германија во август 2011 година и на Универзитетот во Бремен се запишала на најгенералната насока што може да се изучува со цел да се занимава со физика како професија. Некои универзитети таму нудат поспецијализирани насоки, на пример, применета физика, астрофизика или математичка физика, но, според Ивона, подобро е да се почне со чиста физика бидејќи опциите за понатаму се многу поопширни.
- Се гордеам со одличниот академски просек, со фактот што успеав да завршам две магистерски студии паралелно и со тоа што докторирав доста брзо во текот на светска пандемија. Мојот докторат, исто така, привлече големо внимание на сите конференции каде што ја презентирав мојата работа, а на некои од нив бев и наградена. На пример, во септември добив второ место за триминутна презентација на мојот докторат во Варшава, на конференција организирана од Европското здружение за истражување на материјали. Се гордеам и што успеав да разберам кои физички фактори влијаат врз ефикасноста на соларните ќелии кои ги произведував и што потоа успеав да произведам соларни ќелии со ефикасност блиску до моменталниот светски рекорд - додава Ивона.
Добила делумна стипендија и брзо решила да замине
Бидејќи имала одлични резултати од олимпијадите по физика, на пример, државен првак во втора година средно, Универзитетот „Јакобс“ ѝ доделил делумна стипендија, па така, одлуката да замине таму не била толку тешка.
- Апликацијата беше налик на апликација за еден американски универзитет. Требаше да пратам апликација со сите свидетелства, дипломи, мотивационо писмо, есеј и резултати од тестовите TOEFL и SAТ. Кога почнав да студирам, имав желба да истражувам или во сферата на астрофизиката или во сферата на теоретска физика на елементарни честички (theoretical particle physics). Но, како што минуваше времето, моите погледи и амбиции се променија. Почнав многу повеќе и поинтензивно да се интересирам за климатските промени, климатска физика и енергетика. Па така, кога одлучив да правам докторат, се решив да работам на поприменета тема, имено на развој на нови типови соларни ќелии - се присетува Ивона.
Запишала и завршила две магистерски студии
Ивона дипломирала на темата црни дупки со наслов „Test particles and scalar fields in anti-de sitter space-time“. По завршувањето на додипломските студии, се преселила во Фрајбург, за нејзините магистерски студии. Универзитетот во Фрајбург е еден од најдобрите во Германија за две насоки: физика на елементарни честички и енергетика. Овие две полиња на фокус во Фрајбург се поради соработката на Универзитетот со две врвни институции, ЦЕРН и со Фраунхофер институтот за соларни енергетски системи.
- Мотивирана од овие соработки на Универзитетот во Фрајбург, запишав и завршив две магистерски студии: по физика, со фокус на теоретска физика на елементарни честички и по инженерство и менаџмент на обновливи типови енергија. Магистерската теза по физика беше со наслов „The dipole subtraction formalism for photon radiation off W bosons“, а по енергетика беше со наслов „Electrochemical polymerization as a processing technique of tunnel contacts of boron emitters for high efficiency solar cell concepts“. Магистерската по физика ја работев на катедрата по физика, а таа во сферата на енергетика беше истражување во Фраунхофер институтот за солaрни енергетски системи - додава Ивона.
Климатските промени ѝ се најголем предизвик
По завршувањето на магистерските студии, Ивона решила целосно да се фокусира на енергетиката бидејќи уште пред 5-6 години веќе можела да ја предвиди енергетската криза која сега сите ја чувствуваме.
- Според мене, климатските промени и потребата да се декарбонизира енергетскиот сектор се најголемите и најкомплексните предизвици со кои моментално се соочуваме, а јас како физичар сакам да работам токму на такви проблеми. Па така, во 2018 година се преселив во Берлин и го започнав мојот докторат во сферата на нови типови соларни ќелии во Центарот за енергетика и материјали Хелмхолтц (Helmholtz Center Berlin for Energy and Materials). Во средината на октомври го одбранив докторатот со наслов „Nickel oxide (NiOx) as a hole-transporting material for monolithic CIGS-perovskite tandem solar cells“ со многу висока оценка. Сега ја чекам дипломата и наскоро ќе бидам и официјално д-р Кафеџиска - гордо раскажува Ивона.
За време на студиите разнесувала весници
Цело време во текот на студирањето Ивона работела, што е многу вообичаено за студентите во Германија. Во Бремен работела во студентска библиотека. Во Фрајбург работела во кујна во еден ресторан, а еден краток период и разнесувала весници. На оваа работа, кога било многу ладно и врнело, често знаела да премрзне, ама затоа се движела многу, ги разнесувала весниците на велосипед и одлично го научила градот.
- Секако, најдобрите работни позиции беа кога бев платена за тоа што го работев како физичар. На пример, бев платена за истражувањето за магистерската теза во Фраунхофер институтот. Кога се преселив во Берлин за докторските студии, мојата финансиска ситуација значително се подобри. Тука докторските студии не се како во Македонија затоа што за време на докторатот не ве сметаат за студент, ами за научник. Па така, бев вработена како научник, со редовна плата, здравствено, пензиско и социјално осигурување и тековен стаж. Ваквиот пристап ми дозволи целосно да се фокусирам на докторатот и дополнително на волонтерски активности што многу ми значеа. Моментално сум вработена во Хелмхолц како научник, но следната година веќе може ќе бидам на некоја нова позиција - раскажува Ивона.
Во Македонија недостига практична настава...
Ивона на почетокот сонувала да се врати и да го примени стекнатото знаење во Македонија, па можеби дури и да придонесе кон модернизирањето на катедрата по физика. Но сега веќе нема такви амбиции.
- Досега не ми било понудено да бидам професор на ПМФ и не сум сигурна дали би се нафатила на нешто такво. Мислам дека би била повеќе заинтересирана за развој на енергетиката во Македонија, особено во сферата на фотоволтаици затоа што имаме многу сонце. Налудничаво е сѐ уште да се однесуваме како диносауруси и да купуваме струја од секаде кога имаме многу поголем потенцијал од Западна Европа да бидеме енергетски (по)независни. Сепак, засега немам конкретни планови да се вратам - вели Ивона.
Таа го посочува ФИНКИ како единствен позитивен пример кај нас и притоа водена од искуството во Германија, посочува на тоа што кај нас може да се подобри во високообразовниот систем.
- Во Македонија недостигаат практична настава, брзи и моќни компјутери за напредни калкулации, пристап до модерна литература и современи лаборатории. Дополнително, Македонија сѐ уште заостанува во поглед на професионалните проспекти за физичарите. Додека во Германија и низ светот физичарите се барани во секоја област - почнувајќи од научноистражувачка дејност, па сѐ до консалтинг и банкарство, во Македонија доминантната професионална опција како физичар е да си наставник или професор. Сите овие причини за мене беа одлучувачки да студирам физика надвор од Македонија - завршува Ивона.
Фото: приватна архива